Бим денес

  Денес БИМ а.д. Свети Николе е единствената фабрика во Македонија која произведува хидроизолациони материјали на база битумен. Се простира на површина од околу 8,5 хектари и располага со асортиман од над 100 производи кои наоѓаат широка примена во градежништвото, како во нискоградбата, така и во високоградбата. Широката палета на производи опфаќа висококвалитетни хидроизолациони ленти на база битумен, полимер модифициран битумен, битуменски маси, разредени битумени, оксидирани битумени, битуменски пасти и китови, битуменска емулзија, битуменска шиндра... По барање на купувачите, се произведуваат и производи коишто имаат посебен квалитет и специјална намена. Располагаме со склад за битумен со капацитет од 3.500 тони и затворен тип на склад за разни видови на битуменски производи и сировини. Посебно внимание се посветува на развојната програма, односно на изнаоѓањето на нови технолигии и нови производи коишто ќе го следат трендот на пазарот и потребите на градежништвото. За таа цел БИМ располага со сопствена лабораторија.

  БИМ а.д во целиот период од своето постоење големо внимание му посветува на иноваторството. Во 1994 година доби Повелба од Одборот за иноваторство по повод одржаната 14-та изложба за иноваторство на РМ. Во 1995 година дипл. инж. Стојанче Стојанов, сегашен претседател на Одборот на директори во БИМ, доби Диплома за постигнати особени резултати на полето на иновациите и техничките унапредувања од Стопанската комора на Р.Македонија. Во 2002 година тој беше прогласен за Менаџер на годината, а во 2014 година доби Благодарница од Друштво за патишта.

  Водејќи се од желбата да ги задоволиме потребите на нашите деловни партнери, постојано воведуваме нови производи, од кои најголем дел се направени во нашата лабораторија. За своите производи БИМ а.д. поседува Сертификат за квалитет од домашни и странски институции. Во 1998 година во работењето на БИМ а.д. е воведен стандардот ISO-9001.

  Ние сме извозно ориентирана фирма, при што поголем дел од производството го извезуваме. За тоа говори и фактот што освен во Република Македонија, производите на БИМ се вградени и во објектите во Австрија, Албанија, Бугарија, Грција, Ирак, Либија, поранешна Југославија (Босна и Херцеговина, Србија Хрватска), Полска, Романија, Русија, Украина, Чешка и други земји.

  БИМ а.д. освен производствено, претставува општествено корисно друштво кое континуирано ја помага локалната инфраструктура со донации за спортски друштва, донации на цркви, болни луѓе и пензионери, донации на разни културни манифестации, семинари, на Друштво за патишта, научни трудови на поединци, невладини организации и сл.

slot